Македонија Костовска: Има 15.800 лица заболени од грип, но бројката сигурно е поголема

Костовска: Има 15.800 лица заболени од грип, но бројката сигурно е поголема

Вкупно 15.800 лица заболени од грип побарале помош во здравствените установи заклучно со минатиот петок, информираше на прес-конференција државниот советник во Министерството за здравство, Јованка Костовска.

– Од податоците што ги имаме во Институтот за јавно здравје, до минатата недела се пријавиле околу 9.500 заболени од грип. Сигурно оваа бројка е многу поголема бидејќи има и такви кои не биле на лекар и се лекувале дома. Или, до минатиот петок, вкупно имаме 15.800 заболени, но оваа бројка деновиве сигурно е зголемена. Од Клиниката за инфективни болести информираат дека нема тешки случаи со последици од грипот ниту, пак, во другите инфективни одделенија во државата – изјави Костовска.

Комисијата за заразни болести донела дополнителни мерки за подобро следење на состојбата, за да се спречи ширење на грипот меѓу населението.

– Една од тие мерки е комплетна забрана за посета во болниците каде што има сместено пациенти, за спречување на ширење на грипот. Исто така, испратен е допис до сите болници и здравствени установи да преземат мерки за да има доволно здравствен кадар за преглед на пациенти, доволно лекови, санитетски материјали и сместувачки капацитети – додаде Костовска.