Македонија Косово забрани увоз на компири и мед од земјава

Косово забрани увоз на компири и мед од земјава

Забраната за овие два производа доаѓа како реципрочна мерка на косовските власти по одлуката на македонските власти да го забрани увозот на риба за порибување од Косово, а ќе трае до моментот на преразгледување на одлуката на македонските власти

Косовското Министерство за трговија и индустрија денеска воведе забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, пренесува „Порталб.мк“. Забраната за овие два производа доаѓа како реципрочна мерка на косовските власти по одлуката на македонските власти да го забрани увозот на риба за порибување од Косово, а ќе трае до моментот на преразгледување на одлуката на македонските власти за забрана за увоз на риба за порибување од Косово.

Според соопштението на косовското Министерство за трговија и индустрија, македонските власти ја вовеле забраната за увоз на косовската риба уште во јуни годинава, за што Косово доставило поплака и до Секретаријатот на ЦЕФТА. Дополнително, на 8 август годинава било испратено писмо и до македонското Министерство за економија, но не добиле одговор од наша страна.

Од Министерството за економија на РСМ информираат дека косовските власти веднаш добиле одговор дека мерката од македонската страна е воведена согласно на прописите на ЕУ за увоз на овие производи. Забрана за увоз на рибата за порибување од Косово е воведена поради непостоењето на соодветни информации во врска со животинскиот и рибниот здравствен статус, иако повеќе пати се побарани како податоци од косовските власти. Ова е во согласност и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО, каде нашата земја е членка од 2003 година.

Од нашето министерство информираат дека во понеделник ќе се организира состанок со повеќе надлежни органи и институции во насока на преземање активности за разрешување на последиците од воведената мерка за забрана на извоз на мед и компири во Косово.