Економија Корона кризата го „стопи“ извозот на земјава лани за 7,7 отсто во...

Корона кризата го „стопи“ извозот на земјава лани за 7,7 отсто во споредба со 2019

Корона кризата лани предизвикала намалување на извозот на стоки од земјава, но и на увозот на стоки во Македонија од 7,7 отсто. Иако состојбата е драстично подобрена во споредба со првите шест месеци од ковид-19 пандемијата, кога извозот бележеше пад од дури 24 отсто во споредба со јануари-јули 2019 година, сепак бројките на крајот на 2020 година не се поволни.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари ‒ декември 2020 година, изнесува 6.633.216 илјади американски долари и бележи пад од 7,7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8.709.485 илјади американски долари, што е за 7,7 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ декември 2020 година, изнесувал 2.075.269 илјади американски долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ декември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.