Главна секција Чавков треба да нареди поголемо полициско обезбедување на протестите

Чавков треба да нареди поголемо полициско обезбедување на протестите

На денешната прес-конференција на МВР не беше даден конкретен одговор дали на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ќе има зголемено полициско обезбедување, по вчерашниот инцидент во кој беше нападната новинарската екипа на порталот „А1он“.

Инаку, според организациската поставеност во МВР, полициското присуство и обезбедувањето протести е под надлежност на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). За евентуално ангажирање на специјалните полициски единици во обезбедувњето на протестите, како што тоа беше случај за време на протестите на „Шарената револуција“, минатата година, наредба треба да даде началникот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Ова за „Мета“ го потврдија и извори во МВР.

– МВР претставува една хетерогена институционална структура и сите тие структури имаат потструктури за менаџирање и за дејствување. Јас барав и ќе барам од сите тие потструктури да ги отстваруваат своите надлежности во рамките на јавната и на државната безбедност – изјави министерот Нухиу на денешната прес-конференција.

Како што пренесуваат дел од провладините медиуми, денешниот марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ ќе почне на булеварот Илинден, пред зградата на Владата, во 17 часот, од каде, како што е предвидено, учесниците ќе заминат пред седиштето на СДСМ, каде протестот треба да заврши.