Подглавна секција Израел и Хамас договораат примирје

Израел и Хамас договораат примирје

Извори за Ројтерс тврдат дека Израел и Хамас преговараат околу 30-дневно примирје кое би вклучувало размена на затвореници

Фото: Mohammad Abu Elsebah/dpa

Израел и Хамас наводно преговараат околу 30-дневно примирје, кое би вклучувало размена на затвореници, велат извори за Ројтерс.

Ова би било второто примирје од почетокот на војната во Газа. Првото примирје меѓу Изарел и Хамас се случи претходната година и траеше од 23 до 30 ноември. Тогаш Израел ослободи 150 палестински затвореници, а Хамас ослободи 50 од заложниците кои ги заробија за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври 2023.

Од првото примирје досега, Генералното собрание на Обединетите нации изгласа резолуција за примирје, додека САД постави вето на слична резолуција во Советот за безбедност на ОН. На крај, Советот за безбедност изгласа друга резолуција за зголемување нивото на хуманитарна помош во Газа и „обезбедувањето на условите за прекин на непријателствата“, што некои, како генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, ја критикуваа како неадекватна.

Инаку, Гутереш вчера изјави дека е неприфатливо тоа што израелската влада континуирано го одбива решението за две држави. Тој повторно повика за итно примирје, посочувајќи дека покрај бомбардирањата, здравјето на Палестинците е под закана од дизентерија, хепатит А и колера.

„Целото население на Газа трпи уништување со брзина и интензитет без преседан во современата историја. Ништо не може да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ“, изјави Гутереш.

Бомбардирањето на градот Хан Јунис во Газа продолжува, а војната продолжува да се шири и вон границите на Израел и Газа. Имено, САД вчера бомбардирале воени цели во Ирак поврзани со паравоена организација „Бригадите на Хезболах“, која е поддржана од Иран. Нападот е реакција на нападот и убиството на два американски војници во Ирак. Ирак вели дека нападот на САД е „чин на агресија“.