Македонија Изминатиов викенд инспекторите изрекле 27 кривични и 8 прекршочни пријави за угостители

Изминатиов викенд инспекторите изрекле 27 кривични и 8 прекршочни пријави за угостители

Фото: Арбнора Мемети

Во изминатите три дена од продолжениот викенд, од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршени се вкупно 1.366 контроли и 104 надзори во угостителски објекти согласно Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето, здравствените протоколи, Законот за угостителска дејност, Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачи, информираат од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

„Најмногу неправилности се констатирани во саботата за кога ќе бидат поднесени 12 кривични пријави и четири прекршочни пријави за угостителски објекти кои ги прекршиле здравствените протоколи и изречени се 9 мерки за прекршување на законите за трговија и за потрошувачи“ велат од кабинетот на Николовски.

Во неделата и во текот на вчерашниот ден понеделник, државните инспектори констатирале намалување на неправилности. Поради тоа ќе бидат изречени вкупно 15 кривични пријави на угостителски објекти за прекршување на здравствените ковид протоколи и 4 прекршочни пријави за непочитување на работно време, забрана за пушење цигари и затекнати нерегистрирани објекти и една мерка за непостапување по издадено решение за привремена забрана за вршење на дејност. Во делот на Законите за трговија и за заштита на потрошувачите, во истиот период изречени се вкупно 10 мерки за прекршување на овие два закони, и констатирани се 5 прекршоци на Законот за трговија.

Во текот на вчерашниот ден, ДПИ во повеќе градови во државaта извршил вкупно 9 надзори и 124 контроли во трговски објекти и 93 контроли во угостителски објекти, согласно Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето, Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија и согласно здравствените протоколи за отварање и работа на угостителски објекти заради спречување на внесување и ширење на ковид-19. Исто така, во текот на вчерашниот ден, при контролите, изречена е 1 мерка во трговски објект во Струга согласно Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија, за што следи прекршочна постапка.

Со оглед на зголемувањето на бројот на заболени од ковид-19, државните инспектори апелираат до граѓаните, како и до трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење. Тие најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со интензивни контроли во делот на почитување на здравствените протоколи.

Со новите законски измени, отсега државните инспектори ќе може на лице место да изрекуваат решение за забрана на работа на правен субјект од 10 до 30 дена или пак да изречат парична казна доколку истиот не ги почитува протоколите за заштита од ковид-19.