Свет Балкан Инциденти во Солун и на Хиос поради бегалската криза

Инциденти во Солун и на Хиос поради бегалската криза

Два нови инциденти се случиja во Грција поврзани со огромниот број бегалци распоредени низ целата држава.

Во солунската населба Ореокастро, каде се наоѓа еден од големите бегалски центри во Северна Грција, избија судири меѓу националисти, полицијата и анархисти по протест против бегалците во државата, додека на островот Хиос повторно беше запален дел од бегалскиот камп Суда.

Во Ореокастро се судрија повеќе од 150 лица, дел од нив националисти кои го организираа и учествуваа во протестот против исламизацијата на грчкото општество, дел анархисти.

Улиците на населбата се претворија во бојно поле, со физички напади и со меѓусебни напади со камења. Во инцидентите веднаш интервенираа специјалните сили на полицијата, кои се обидоа да ги прекинат судирите со употреба на солзавец и на шок-бомби.

Околу 3 часот изутринава, пак, на Хиос еден бегалец со самостоен протест почнал демонстрации и судири во кампот. Иницијаторот бил приведен, а веднаш штом полицијата заминала, инцидентите се вжештиле.

Бегалците почнале да палат дел од кампот, а причината, според локалните медиуми на островот, е тензијата и нетрпеливоста кај бегалците која се прелеала поради обилните дождови вчера вечерта, кои само ги влошиле дополнително условите за живот во шаторите во кампот.

Во инцидентите кои стивнале по интервенција на полицијата се уништени повеќе шатори за живеење.