Свет Балкан Инциденти и судири на Крит помеѓу грчки земјоделци и вработени на пристаништето

Инциденти и судири на Крит помеѓу грчки земјоделци и вработени на пристаништето

Голема група грчки земјоделци се судрија со вработени на пристаништето на Крит, гневни поради еднонеделниот штрајк на вработените во поморските служби.

Поради штрајкот, веќе една недела нема ниту еден брод од и кон островите во Грција што создава големи проблеми за снабдувањето на островите, но и за земјоделските производи кои треба да се пренесат кон копно.

Групата земјоделци се собра на пристаништето уште рано вечерта со барање да се стави крај на штрајкот и нивните производи да се натоварат и да се пренесат кон Атина. Одбивањето да се прекине штрајкот предизвика насилни физички судири помеѓу двете страни.

Дел од земјоделците се обидоа да одврзат еден брод, почнаа да фрлаат со пиротехника кон бродот и вработените на пристаништето, кои, пак, за да ги избркаат земјоделците почнаа да ги прскаат со вода од бродот. Земјоделците запалија неколку билетарници и подметнаа пожар во канцелариите на една компанија за поморски превоз на пристаништето.

Штрајкот на бродовите создава големи проблеми и за снабдувањето со лекови и со медицински материјали за болниците на островите, но и за патниците и за туристите кои и во зимскиот период сакаат да ги посетат островите. Голем дел од островите почнуваат да пренесуваат од и кон Атина или меѓусебно производи преку помали бродови, бидејќи веќе има големи недостатоци од основни работи, како млечни производи.

Грчкото министерство за поморство апелира да се стави крај на штрајкот во најскоро време и се заканува дека во спротивно ќе пристапи кон присилнa мобилизација.

Вработените во поморскиот сектор се бунат против високите даноци на нивните приходи и лошите услови за работа во секторот.