Економија Институциите не ги спроведуваат препораките од ревизорите за финансиското работење

Институциите не ги спроведуваат препораките од ревизорите за финансиското работење

Државните институции имплементирале многу малку препораки од Државниот завод за ревизија по контролите на нивното финансиско работење, информираше портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Затоа, на владина седница било заклучено дека ќе бидат преземени поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошење на јавните финансии.

– Многу малку препораки се имплементирани по завршувањето на ревизиите. Се носат заклучоци, но институциите покажуваат слабост во имплементацијата на препораките – рече Бошњаковски.

Тој додаде дека Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви стратешки документ насловен „Политика за јавна внатрешна финансиска контрола за период 2018 – 2020 година“ преку кој треба да се утврди слабоста во работењето на институциите и да се зголеми отчетноста за трошењето на парите.