Економија Инфлацијата во САД годинава се искачи на 6,8 отсто, највисока досега од...

Инфлацијата во САД годинава се искачи на 6,8 отсто, највисока досега од 1982 година

Фото: Viki Mohamad on Unsplash

Во САД во текот на 2021 година е регистрирана стапка на инфлација од 6,8 отсто и истата е на највисоко ниво во периодот од 1982 година до денес, јавува весникот Гардијан. Цените на нафтените деривати, храната, кириите и други производи и услуги растат во САД веќе шест месеци по ред, покажува извештајот на Одделот за труд.

Инфлацијата во ноември се искачи за 0,8 отсто, откако претходно во ноември зголемувањето изнесуваше 0,9 отсто. Цената на бензинот порасна за над 58 отсто во ноември во споредба со идентичниот период лани, што претставува најголемо годишно зголемување за периодот од 1980 година до денес.

Прехранбените производи во претпоследниот месец годинава пораснаа за 6,1 отсто во споредба со истиот месец од минатата година, додека половните автомобили и камионите поскапеле за 31 отсто.

Пред објавувањето на податоците во петокот, американскиот претседател Џо Бајден во објавената изјава наведува дека стапката на инфлација „не ја одразува денешната реалност“.

„Тоа не ги одразува очекуваните намалувања на цените во неделите и месеците што следат, како на пример на автомобилскиот пазар“, наведува претседателот Бајден во изјавата.

Од Белата куќа тврдат дека денешната инфлација во САД е „преодна“, односно претставува привремен пораст на цените, поради ковид-19 пандемијата.

Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел претходно ја нарече инфлацијата „преодна“, но пред две недели сигнализираше дека ФЕД можеби ќе треба брзо да дејствува за да ги зголеми каматните стапки за да ги спречи растечките трошоци.

Инаку, САД не се единствен исклучок во светот во делот на порастот на инфлацијата. Во ноември 2021 година инфлацијата и во Германија се искачи на 5,2 отсто, додека Шпанија за истиот месец пријави инфлација од 5,6 отсто, што е највисок рекорд во изминативе 30 години.