Главна секција Хан и Могерини ќе го претстават новиот пакет за проширување

Хан и Могерини ќе го претстават новиот пакет за проширување

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, и потпретседателката на Европската комисија (ЕК), Федерика Могерини, денеска во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ќе гo презентираат најновиот пакет за проширување на ЕУ. Тоа вклучува и претставување на Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија за 2019 година.

Иако се очекува и Македонија и Албанија да добијат зелено светло од Европската комисија за почеток на преговори, сепак е неизвесно кога би бил одреден датумот за почетокот, бидејќи за тоа ќе треба согласност од Советот на министрите на ЕУ. Можно е тоа да се случи и во јуни, или пак да биде поместено во јули или во септември.

Во 15.30 часот, пак, евроамбасадорот Самуел Жбогар во Кабинетот на претседателот на државата во вилата „Водно“, на Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието, Талат Џафери и на премиерот Зоран Заев, како и на претставник на судската власт, ќе им го врачи Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2019 година.