Ctrl - Z „Go Green“ со петиција бараат енергетско-ефикасни училишта на сончева енергија

„Go Green“ со петиција бараат енергетско-ефикасни училишта на сончева енергија

Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Go Green започна петиција со која бараат институциите да посветат повеќе внимание и ресурси на зајакнување на енергетската ефикасност на училиштата, користење сончева енергија за загревање и струја, и поголема застапеност на образованието за климатски промени во образовната програма.

„Бараме училиштата да ја зголемат класата на енергетска ефикасност (изолација, покрив, прозорци) и да користат сончева енергија за греење и струја (солар-термал). Со овие интервенции ќе придонесат за намалено загадување на воздухот и намалување на придонесот кон климатските промени, а истовремено ќе ја развијат и еколошката свест кај учениците и училишната администрација“, се вели во нивната петиција.

Тие ги повикуваат Министерството за економија, Министерството за животна средина, општините и ЗЕЛС да направат план за енергетска ефикасност за училиштата и зголемување на сончевата енергија за струја и греење.

Освен ова, од здружението сметаат дека е неопходна поголема застапеност на содржини на тема одржлив развој, со посебен акцент на климатските промени, во сите наставни програми, или изготвување наставни програми за меѓупредметни теми од областа на одржлив развој заедно со сите нејзини поттеми и мерки за адаптација и ублажување на климатските промени.

Поради тоа, бараат да се формира работна група од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, како и Центарот за стручно образование и обука која ќе изготви анализа и детални препораки за реални промени во образовните програми за поголема застапеност на темата одржлив развој со акцент на климатските промени.