Вториот филмски викенд во рамките на 6. издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе почне утре. Како и првиот викенд, така и овој ќе биде организиран во дворот на Кинотека на Северна Македонија.
Утре со почеток од 19 часот, ќе бидат прикажани четири краткометражни македонски филмови, од кои три се анимираните филмови на режисерот Жарко Иванов, зад чија музика е потпишан Оливер Јосифовски од бендот Љубојна: „Кружниот пат на Марето“, „Кружниот пат на сенката“ и „Кружниот пат на монахот“.
Премиерно ќе биде прикажан филмот „Гребнатини на душата“ во продукција на Види Вака. Во филмот се претставува брачна двојка од Холандија која ја поседува најбогатата колекција на македонска музика на светот. Тие посветуваат поголемо внимание на сочувување и собирање на македонското музичко наследство од институциите во државава.
Проекциите на овие филмови се бесплатни.
Скопје синема сити се затвора задутре со филмот „Мериен и Леонард: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен, која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра сѐ до нејзиниот крај.
Исто така, во рамките на фестивалот утре со почеток од 18 часот ќе се случи промоција на книгата на Елизабета Баковска „Во главата слушам песна“ во издание на Или Или.
Фестивалот е организиран во согласност со здравствените протоколи.
Карти за проекциите ќе можат исклучиво да се набават на касата на Кинотеката.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ и е организиран во соработка со Кинотека на С. Македонија.