Свет Балкан Филипче: Повредените во несреќата во Бугарија се во стабилна здравствена состојба

Филипче: Повредените во несреќата во Бугарија се во стабилна здравствена состојба

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата. Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека сите седум повредени кои по сообраќајната несреќа се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија се во стабилна здравствена состојба и никој не е животно загрозен.

„Ги посетивме пациентите. Станува збор за полесни повреди, санирани од нашите колеги за што сакам да изразам благодарност. Се договоривме да бидеме во контакт овие денови за по целосното стабилизирање на состојбата, пациентите да ги префрлиме на третман во Скопје“, изјави Филипче.

Тој беше во посетата на болницата заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според Филипче само еден пациент е со скршеница поради што треба да се направат дополнителни анализи и да се утврди дали ќе биде потребен хируршки зафат.

Меѓу настраданите има повеќе членови на едно семејство од кои најмладата девојка е на возраст од 16 години, а сите други се постари меѓу 40 – 50 години.