Македонија Фатени крадците на лаптопи од „Донирај компјутер“

Фатени крадците на лаптопи од „Донирај компјутер“

Иако информациите што се соопштени се сувопарни, некои детали веднаш посочуваат кон кражбата од просториите на „Донирај компјутер“, организацијата што работи на оспособување и подарување користена компјутерска опрема на луѓето во незавидна позиција

Борче Стаменов, „Донирај компјутер“; Фото: Мета.мк

Фатени се крадци на компјутери и компјутерска опрема во Кавадарци, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) претпладнево. Иако информациите што се соопштени се сувопарни, некои детали веднаш посочуваат кон кражбата од просториите на „Донирај компјутер“, организацијата што работи на оспособување и подарување користена компјутерска опрема на луѓето во незавидна позиција.

„Мета“ пишуваше за кражбата.

Украдени лаптопи од „Донирај компјутер“, се спремале како помош за надарени студенти

Тоа го потврди и првиот човек на „Донирај компјутер“, Борче Стаменов, на Фејсбук.
Фатен крадецот, компјутерите ќе ги земеме во понеделник. Повеќе после одмор 🥳
#ДонирајКомпјутер

Полицискиот билтен изнесува дека вчера биле уапсени С.М.(37) од Кавадарци и А.А.(37) од Неготино.

„При претрес во домот на С.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени шест лап топ компјутери, делови за компјутер и друга компјутерска опрема за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ сторено на 28.08.2023 во Здружени на граѓани на ул.„Браќа Хаџи Тефови“ во Кавадарци.

Додека, кај А.А. бил пронајден еден лап топ компјутер за кој, исто така, постои сомнение дека потекнува од истото кривично дело и дека го купил од С.М.. “

МВР вели дека пронајденото ќе биде вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.