Свет Балкан ЕУ: Повикот за суспензија на дијалогот со Белград не е во интерес...

ЕУ: Повикот за суспензија на дијалогот со Белград не е во интерес на Косово

Повикот за суспензија на дијалогот меѓу Косово и Србија, во усвоената резолуција на косовскиот парламент, не придонесува за нормализирањето на односите меѓу Белград и Приштина и не е во согласност со досегашната посветеност на Косово на тој процес, соопштила денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Парламентот на Косово усвои резолуција со која се бара прекинување на дијалогот со Белград, сè додека не биде ослободен лидерот на Алијанса за иднината на Косово и поранешен премиер, Рамуш Харадинај, кој ја чека одлуката на француските правосудни органи за негова екстрадиција во Србија.

„Косово отсекогаш беше цврсто посветено на дијалогот и на понатамошна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, во интерес на сопствениот народ, но и заради тоа што напредокот во дијалогот е услов за напредок на земјата на европскиот пат. Ги повикуваме сите политички лидери на Косово да продолжат да бидат конструктивни во дијалогот, да ги спроведат постигнатите договори и со тоа да ја унапредат нормализацијата на односите и европската перспектива“, стои во изјавата на Коцијанчич.