Главна секција Епидемиолозите предупредуваат дека на есен случаите на ковид ќе бидат многу побројни...

Епидемиолозите предупредуваат дека на есен случаите на ковид ќе бидат многу побројни од сега

Infectious Diseases and Febrile Conditions Clinic in Skopje. Photo: Arbnora Mehmeti, Meta.mk

Собирањето на повеќе луѓе на едно место, како што последно се случи вечерта по изборите или сите други приватни собири на кои секојдневно сме сведоци, можат да го зголемат бројот на новозаразени лица со ковид-19, предупредуваат епидемиолозите, кои нагласуваат дека ако не се почитуваат препораките за лична заштита, бројот на нови случаи на ниво на држава, нема да се намалува.

Сепак, д-р Александар Стојанов, епидемиолог и в.д. директор на Центарот за јавно здравје, вели дека ако се проанализираат бројките во главниот град, се забележува тренд на опаѓање на бројката на новозаразени лица.

– Во Скопје денес има 59 случаи, бројката во главниот град постојано опаѓа, што покажува дека луѓето полека ја сфаќаат сериозноста на заразата. Во Чаир имавме по 450 активни случаи, сега тој број е опаднат на околу 300. И во Чаир луѓето сфаќаат дека опасноста постои. Сепак, додека не се навикнеме на меркиве на заштита кои се однесуваат на држење дистанца и носење маски, бројкиве со над 150 дневно на ниво на држава, ќе си бидат високи. Поинтелигентните луѓе полесно сфаќаат, но на крајот мислам дека сепак сите ќе сфатат – вели д-р Стојанов.

Тој за „Мета“ вели дека угостителите повторно барале од Комисијата за заразни болести да им дозволи да организираат свадби.

– Во петокот имаше свадба во Бутел со 200 души. Ризикот за зараза од таму е голем. Во вторникот, повторно ни стаса барање од угостители за свадби, но ние не им даваме. На нив им се плаќани капари за тие свадби, тие си го гледаат нивниот есап, но ние го гледаме нашиот есап. Нашиот есап е јавното здравје и тоа е приоритет над сè останато – потенцира д-р Стојанов.

Здравствените власти постојано предупредуваат да не се собираат луѓе на едно место и да се држи растојание, со маски преку устата и носот. Ако ова не се почитува, многу е веројатно да ни се случи истото што се случи во Србија и во Италија.

Микробилогот проф. д-р Никола Пановски вели дека настаните од изминатите денови, кога имаше собири на членството на политички партии, може да се ризични во однос на создавање нови кластери.

– Мерките се тие, лична заштита и да не се собираат луѓе во затворен простор. Бидејќи може лесно да се заразат, тие аеросоли лебдат во воздухот во затворен простор и на тој начин се прават големи биолошки бомби. Тоа значи дека диско-клубови ни случајно не треба да се отвараат. Подруми, училници, занимални во градинки исто така, не. На есен, ситуацијата нема да е подобра од сега, ќе биде многу полоша од март кога ги затворивме училиштата и градинките – вели Пановски.

Според неговите пресметки, со оваа динамика и бројки на дневно ниво, може да се очекува во октомври бројот на починати лица да достигне 1.000.

– Од нас зависи дали ќе има во блиска иднина рестриктивни мерки и полициски часови, како и крах на економијата и умирање од глад. Ако се затвори сè уште еднаш како што беше претходно, и ако се случи болниците да не можат да ги примат заразените лица, може да се случи повторно сосема да се самозатвориме – нагласува Пановски.