Главна секција Електронска наплата од денеска и на патарината „Миладиновци“

Електронска наплата од денеска и на патарината „Миладиновци“

Фото: Бојан Блажевски

Јавното претпријатие за државни патишта од денеска ја пушти во употреба електронската наплата на патарина на наплатната рампа „Миладиновци“. За почеток, во функција ќе бидат само електронските картички „М-карт“, а допрва ќе профункционира плаќањето со м-таг на оваа патарина.

Со имплементацијата на системот на патарината „Миладиновци“, возачите што патуваат по автопатите Скопје – Куманово и Скопје – Штип ќе можат да ја користат електронската наплата. Станува збор систем што е веќе воведен долж патарините на Коридорот 10, вклучувајќи ја и наплатната рампа „Романовце“ кај Куманово.

Со ставањето во функција на електронската наплата на патарината „Миладиновци“, ЈП за државни патишта започна со реализација на вториот по ред кредит од Европската банка за обнова и развој за изградба на три нови наплатни рампи на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип и за воведување на електронска наплата на пет патарини долж Коридорот 8. Проектот ќе се изведува во наредните 12 месеци, а за оваа намена се издвоени 13,7 милиони евра.