Економија ЕБОР и НЛБ ќе ги поддржуваат жените претприемачи со 300.000 евра

ЕБОР и НЛБ ќе ги поддржуваат жените претприемачи со 300.000 евра

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Нова љубљанска банка (НЛБ), потпишаa договор за поддршка на жените претприемачи во Македонија.

ЕБОР ќе обезбеди три милиони евра кредит на НЛБ, за финансирање на мали и средни претпријатија, управувани од жени.

Програмата е креирана за промовирање на претприемништвото кај жените, помагајќи им на малите и на средните претпријатија (МСП) управувани од жени, во пристапот до финансии и до советодавни услуги, овозможувајќи им да остварат пораст во работењето.

Програмата комбинира финансирање, техничка поддршка и деловни советодавни услуги за поддршка на МСП управувани од жени. Tехничката помош и советодавните услуги се кофинансирани од владите на Луксембург и на Шведска.

„Оваа програма е особено значајна бидејќи им овозможува на нашите клиентки пристап до кредити во износ до 300.000 евра за финансирање на основни средства, но и на средства за тековно работење, по многу поволни услови, со рок на отплата до пет години. Воедно, нуди нефинансиска поддршка, преку советодавни услуги за изработка на бизнис-стратегија, маркетинг, сметководство и информатичка технологија,“ изјави претседателот на управниот одбор на НЛБ, Антонио Аргир.

ЕБОР реализира проекти во Македонија од 1993 година и досега има инвестирано повеќе од 1,6 милијарда евра, во повеќе од 100 проекти во земјата.