Свет Европа „Дрон-коалицијата за Украина“ расте – се приклучува и Канада

„Дрон-коалицијата за Украина“ расте – се приклучува и Канада

Во поглед на воената помош од западните сојузници на Украина, Литванија најави нова транша, која вклучува и артилериска муниција од 155 милиметри

Извор на фотографија: Lt. Col. Leslie Pratt - commons file, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=68095681

Министерството за одбрана на Канада соопшти дека земјата се приклучува на меѓународната иницијатива за опремување на Украина со јуришни дронови.

„Канада се приклучува на Коалицијата за дрон-капацитети при Контакт групата за украинската одбрана, која е предводена од Латвија и од Обединетото кралство (ОК). Како дел од Коалицијата, Канада ќе продолжи да бара начини да ги зголеми дрон-капацитетите на Украина“, се вели во соопштението од министерството.

Во него се нагласува и дека Канада на Украина ѝ предала повеќе од сто специјализирани камери за дронови, а минатиот месец најавила и дополнителна донација од повеќе од 800 дронови направени во Канада.

Водачот на Коалицијата, односно секретарот за одбрана на ок, Грант Шапс, вчера на средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски најави дека ОК ќе издвои 325 милиони фунти за набавка на 10.000 софистицирани дронови за Украина. Од нив најголемиот дел ќе бидат далечински пилотирани дронови, а 1.000 ќе бидат автономни камиказе-дронови развиени во ОК. Предвидена е донација и од набљудувачки и морнарички дронови.

Во поглед на воената помош од западните сојузници на Украина, Литванија најави нова транша, која вклучува и артилериска муниција од 155 милиметри. Покрај воена опрема и оружја што ги донирала и ги донира, Литванија за Украина обезбедува и активна обука на воените сили, медицински третмани и рехабилитација на повредени војници и експертски консултации и парична помош.

Долж фронтовските линии, вчера дошло до 86 вооружени судири меѓу одбранбените сили на Украина и руските сили, при што Русија извршила четири ракетни и 74 воздушни напади, при што се нанесени штети на згради и друга цивилна инфраструктура, а има и повредени цивили.