Главна секција Дополнителни железни столбови на границата со Грција

Дополнителни железни столбови на границата со Грција

Тензија владее кај Идомени откако бегалците во знак на протест ја урнаа оградата од македонска страна. Очајни од чекањето со денови, бегалците кон оградата и полицијата почнаа да фрлаат со камења. Полициските сили од македонската страна одговорија со солзавец за да се обидат да ја разбијат толпата и да ја смират ситуацијата.

Од Министерството за внатрешни работи за „Мета“ информираат дека околу 5.000 мигранти од грчка страна претпладнево се обиделе да ја пробијат двокрилната врата од жичената ограда, низ која се пропуштаат мигранти да влезат на македонска територија. Тие биле спречени во намерата, а при интервенцијата, полицијата употребила и солзавец.

Оттаму велат дека при интервенцијата еден полицаец бил повреден.

Инцидентите почнаа откако меѓу бегалците од грчка страна се рашири информација дека границата ќе биде отворена за сите, иако се работеше за момент на отворање на оградата за да бидат првично пропуштени 50 бегалци. Огромен број луѓе почнаа да трчаат по шините кон македонската ограда во надеж дека ќе успеат да преминат.

Не се знае дали погрешната информација била тактика на група бегалци да се собере поголемо јадро за да се изврши притисок врз полицијата да ги пропушти да поминат.

Македонската полиција при напливот на бегалци се обиде да ја засили оградата со дополнителни железни столбови. Првиот одговор на дополнителното засилување на оградата беа врисоци и повици да се отвори портата и да им се дозволи патувањето, а потоа група бегалци почнаа да ја каменуваат полицијата.

Во знак на револт, бегалците влечеа дел од оградата и успеаја да урнат дел од неа. Полицијата на немирите одговори со шок-бомби и со солзавец за да се разбие толпата и да се спречат дополнителни инциденти.

Во бегалскиот камп на Идомени има повеќе од 7.000 бегалци кои со денови чекаат да бидат пропуштени и да го продолжат патот кон другите европски држави.