На просторот од 170.000 квадратни метри, кој се наоѓа на 5 километри од Скопје започна чистењето на досега исфрленото ѓубре, но за жал, паралелно продолжува и фрлањето отпад. Просторот за кој зборуваме е дивата депонија над населбата Шуто Оризари и селото Визбегово, која постојанo или самата се запалува или некој ја пали, а е опкружена со ниви засадени со тутун и јачмен, пишува „Порталб“.
Под проблематичната територија, што започнува многу блиску до оградата на селските гробишта во Визбегово и црквата Свети Атанасиј, е селото Визбегово, е населено со скопјани кои сакале да побегнат од загадувањето во градот, но наишле на депонија во својот двор.
Патот што води од селото Визбегово кон депонијата е асфалтиран, иако на неколку места е со дупки. И само што ќе помисли човек дека таму може да се видат само полиња засадени со жито и тутун, се појавува табла со натпис „Забрането фрлање отпадоци“ поставена над железната капија затворена со синџир и катанец. Зад неа се гледа огромен простор, кој иако е донекаде исчистен, сведочи дека станува збор за дивата депонија. Таму сè уште има ѓубре, иако во минимални количества.
Еден друг жител на Визбегово вели дека иако порано жителите на Визбегово се фалеле со чистиот воздух, состојбата ескалирала во последните пет години, особено откако Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се повлекло од таму.
-Ние сме преселени тука од Карпош во 2010 година. Родителите купија земјиште и почнаа да градат куќа. До 2016 година овде сѐ беше во ред, немаше претоварна станица за ѓубрето и не се фрлаа отпадоци. Депонијата е создадена претходно, а состојбата ескалирала кога се отворил патот за ископот на земја, каде сега има огромна дупка. Во Визбегово имавме една поговорка: „Барем кога ќе излезете од автобус, воздухот е чист“. Нема човек кој не го истакнал ова, секогаш кога не прашале зошто живееме тука. Ова е на изглед многу смешна изрека, но порано воздухот тука беше многу чист, а сега не е чист речиси половина година. Сега во ова време, можеби не изгледа толку многу, но влијае врз воздухот, тоа се чувствува – вели тој.
Приказните за луѓето загрозени од депонијата не завршуваат тука. Продолжуваат со малолетниците, Риамонд и Аки, кои израснале таму собирајќи железо и пластични шишиња, кои потоа ги продаваат за да извадат некој денар. Тие не знаеја за еколошката штета на депонијата, па затоа и не биле загрижени.
Но ваквото фрлање ѓубре е во спротивност со одлуката донесена со меѓуопштинска и меѓуинституционална координација – дека на површината над Шутка и Визбегово повеќе не смее да се фрла отпад, депонијата да се исчисти и просторот потоа да се зазелени.
На излезот од депонијата, капијата, која претходно беше затворена, сега беше отворена. За разлика од екипата на „Порталб“, која влезе пеш, преку земјениот нанос веднаш до капијата, единствено возило што влезе на депонијата беше камионот што дојде да исфрли ѓубре. Јасно беше дека тие ја отклучиле големата железна порта.
На само неколку стотини метри од депонијата, во близина Индустриската зона Визбегово, се сретнавме со градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, во чија територија влегува и Визбегово. На прашањето на „Порталб“, тој посочи дека со градоначалникот на Шуто Оризари и град Скопје се согласиле да ја исчистат депонијата, и да не се фрлаат повеќе отпадоцим туку само градежен шут.
– Таа депонија со ниту еден милиметар не спаѓа во територијата на Бутел. Ние вложуваме напори и му помагаме на Шуто Оризари да го собира отпадот, да го натовари во возила, што значи дека главната работа е на Град Скопје, Министерството за екологија и Шуто Оризари. Ние сме логистика, што и да побараат, ние сме подготвени. Нашиот отпад го праќаме во Вардариште, нашите возила одат таму – рече Смилевски.
Смилевски: Ние го бараме тоа постојано. Вие го видовте возилото денес? Ќе разговарам со Курто Дудуш, и ќе се разбереме. Се договоривме дека нема право да фрла отпадоци. Бидејќи таа јама е специјализирана за градежен шут.
„Порталб“ контактираше со градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш, но тој ни кажа дека имал операцијата на грлото и дека овие денови не е на работа, па затоа не може да ни даде изјава.
За депонијата е информиран и премиерот Зоран Заев.