Свет Европа Димитров: Без Балканот Европската Унија не е комплетна

Димитров: Без Балканот Европската Унија не е комплетна

Никола Димитров. 4 октовмри 2021 | Фото: СЕП

Дури и најдобрата формулација на зборови нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, порача македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров денеска на „Економскиот форум Белград“, односно во дискусијата „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“.

Главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува оваа среда во Брдо, Словенија.

Димитров посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.

„Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со коишто се реафирмираше европската перспектива“, порача македонскиот вицепремиер.

Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со КОВИД-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.

На панелот учествуваа и претставници на ЕУ и земјите членки – амбасадорот на ЕУ во Србија Емануел Жофре, амбасадорот на Словенија Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент Владимир Билчик, како и на граѓанското општество – претседателката на Европското движење во Србија Јелена Миниќ, додека пак модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.