Македонија Дигитални книги: МОН велат дека нацрт-законот e пратен во Собрание, Комисијата сè...

Дигитални книги: МОН велат дека нацрт-законот e пратен во Собрание, Комисијата сè уште нема закажано седница

Фото: Kimberly Farmer on Unsplash

Комисијата за европски прашања на Собранието на Северна Македонија нема закажано собраниска седница во врска со предлог-законот за книги и други дидактички и наставни материјали за основните и средните училишта, кој предвидува и дигитализација на книгите за учениците од четврто одделение, пренесувa „Порталб.мк“.

Од Министерството за образование и наука велат дека нацрт-законот е доставен до Собранието на Северна Македонија за понатамошна постапка.

Од Владата на РСМ изјавија дека законот за книги и други дидактички и наставни материјали за основните и средните училишта е доставен до Собранието.

Сепак, Собранието сè уште нема закажано седница на Комисијата за европски прашања, со која претседава Арбер Адеми. Порталб.мк неколку пати се обиде да го контактира Адеми, но тој не одговара на телефонските пораки.

Членот на Комисијата за европски прашања, пратеникот Халил Снопче, за Порталб.мк, вели дека не ги знае причините за незакажување на седницата.

„Досега не е закажана седница на собраниската комисија и не ја знам причината поради која не се закажува“, изјави Снопче за Порталб.мк.

Инаку дигитализацијата на учебниците покрена разни полемики. На Фејсбук е формирана група наречена „Учебници и настава мора да има“, во која членуваат близу 76.000 членови кои се против овој предлог-закон. Преку оваа група беше организиран бојкот на наставата. Владејачката партија, СДСМ, ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад бојкотот на наставата, организиран од група родители. Според нив, креаторот на групата на ФБ е Драгана Спасевска, која е член на ВМРО.

Спасевска, која беше фотографирана како учесничка на митинзи на опозицијата, на Фејсбук изјави дека поднела оставка од партијата, па дури и рече дека додека била во партијата „изгубив драгоцено време“ и го нарече ова дискриминација.

Барања на иницијативата

  • Печатените учебници треба да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование
  • Укинување на инклузивното родово бразование за учениците од основните училишта
  • Етиката на религиите да остане изборен предмет
  • Да нема комбинирање на два или повеќе предмети во еден,
  • Да се аргументира намалувањето на фондот на часови за некои предмети
  • Да се создадат соодветни услови за вклучување на децата со попреченост
  • Да се воспостават протоколи за настава со физичко присуство во услови на пандемија
  • Нашите претставници и граѓанскиот сектор да учествуваат во работната група за промена на законот