Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.
Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs се осврнува на честите постирања од страна на српските корисници на Фејсбук дека болеста ковид-19 не е предизвикана од новиот корона вирус (SARS-CоV-2), туку од бактерија. Најчесто ваквите постови се повикуваат на вест од јули годинава, дека при обдукциите на телата на починатите од корона вирусот биле пронајдени згрутчувања на крвта во речиси секој орган.
Се тврди и дека станува збор за бактерија „со која нè прскаат и која ја згрутчува крвта, а не се пренесува од човек на човек, ја згрутчува крвта и тогаш, се разбира, отежнато дишете, и на крајот всушност умират од затнување на крвен сад, односно од мозочен или срцев удар“.
Но, потсетува, istiomer.rs, научно е докажано дека болеста ковид-19 ја предизвикува вирус од семејството Coronaviridae, а не бактерија, а тоа го пишува и Светската здравствена организација (СЗО) на својот официјален веб-сајт. Сепак, некои луѓе што се разболуваат од ковид-19, исто така може како компликација да добијат и бактериска инфекција, а во тој случај, се даваат антибиотици.
Од друга страна, компликациите во вид на згрутчување на крвта се многу присутни кај пациентите заразени со SARS-CоV-2, но тоа нема никаква врска со дезинформацијата дека болеста ковид-19 е предизвикана од бактерија, пишува istinomer.rs.
Со студијата „Зачестеноста на тромбозни компликации кај пациенти критично болни од ковид-19“ е утврдено дека кај 31 отсто од пациентите е забележана некоја тромбозна компликација. Односно, точно е дека кај потешките случаи на заболени од ковид-19 може да дојде до проблеми со згрутчувањето на крвта, пренесува индискиот портал за проверка на факти „The Logical Indian“.
Со истражувањето „Хематолошки наоди и компликации кај ковид-19“ е утврдено дека хиперкоагубилноста, односно густата крв, е честа појава кај хоспитализираните пациенти со новиот корона вирус. Резултатите на студијата исто така покажале дека пациентите заразени со SARS-CоV-2, дури и оние што не се хопитализирани „се во висок ризик од венска тромбоемболија“.