Македонија Денеска треба да продолжи судењето за „Диво Насеље“, рочиштето – неизвесно

Денеска треба да продолжи судењето за „Диво Насеље“, рочиштето – неизвесно

Денеска во Кривичниот суд во Скопје, во 10 часот, треба да продолжи судењето за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, но неизвесно е дали ќе се одржи рочиштето бидејќи адвокатите на обвинетите бараат поголема судница.

Претходното рочиште, на 2 март, беше одложено откако неколкумина адвокати ја напуштија судницата, со образложение дека судот не обезбедил услови за фер судење.

Прв судењето го напушти адвокатот Насер Рауфи, кој застапува осум обвинети. Тој пред судот образложи дека салата во која се одржуваат рочиштата е претесна и роднините на обвинетите што дошле пред судот немаат можност да го следат процесот. Рауфи посочи дека судот е должен да обезбеди услови за непречено одвивање на рочиштата.

Тој и неговите колеги, Бујар Дардишта и Мефаиљ Арслани, беа казнети со 1.200 евра секој поради навреда на судот, нарушување на редот во судницата и за непочитување судска одлука. Рауфи и Дардишта ќе треба да ги платат и трошоците за денешното рочиште.

Адвокатот Љупчо Веселиновски пред новинарите изјави дека доколку на наредното рочиште, кое е закажано за денеска, не бидат исполнети условите, сите адвокати на одбраната ќе го бојкотираат судењето.

Министерот за правда Аднан Јашари, како што пренесува „Телма“, преку писмо ургирал кај претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, да ја даде свечената сала на судот за судење на случајот „Диво Насеље“.

На денешното рочиште искази пред судот треба да дадат петмина сведоци.