Македонија Данев: Мнозинството поради партиски интереси ги одложува локалните избори

Данев: Мнозинството поради партиски интереси ги одложува локалните избори

„ВМРО-ДПМНЕ кажа дека почетокот на јули е најповолниот датум за одржување на локалните избори, во интерес на граѓаните, но парламентарното мнозинство сметаше дека нивен партиски интерес е да го одложи терминот и практично да го избере последниот што сметавме дека е рационален. Но ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да излезе на избори и во јули и во октомври бидејќи знаеме дека народот е на наша стран“а, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на прес-конференција.

– Очекуваме дека новото парламентарно мнозинство овојпат ќе си остане на зборот, бидејќи во спротивно ризикува поради својата неподготвеност да ја доведе во прашање локалната самоуправа како една врвна демократска придобивка и право на граѓаните – рече Данев.

Тој повторно го изнесе барањето на ВМРО-ДПМНЕ, во исто време со локалните да се одржат и нови парламентарни избори, за „граѓаните да може да се произнесат и за тиранската платформа“.

– Секој нов обид за неуставни и незаконски потези, само дополнително ќе ја продлабочат кризата во Македонија – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Данев рече дека ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на денешната координација во Собранието зашто „останува на ставот дека Талат Џафери не е избран во легална процедура за претседател на Собранието и тој таа функција само бесправно ја узурпира“, а го признава само како легално избран пратеник.