Свет Балкан Борисов кажа сè, само „македонски јазик“ не

Борисов кажа сè, само „македонски јазик“ не

Запрашан на денешната прес-конференција со неговиот македонски колега Зоран Заев на каков јазик ќе се потпише договорот за добрососедство, бугарскиот премиер Бојко Борисов даде одговор дека тој мора да биде составен „на јазикот што е наведен во Уставот“ на Македонија.

– Детали што, всушност, се важни, но не за денес, туку за евентуално следното поколение. Истовремено, ние како држава први ја признавме Македонија. Во Уставот на Македонија е кажано каков јазик има таа држава. Соодветно на договорот, таа треба да потпише на јазикот што е наведен во Уставот, а во спротивно ќе го нарушите Уставот – рече бугарскиот премиер, пренесува бугарската агенција „Фокус“.

До потпишување на договорот, сепак, вели Борисов, ќе дојде откако министрите за надворешни работи на двете земји ќе стигнат до последната верзија и тогаш ќе се донесе одлука.

– Јас сум многу добронамерен човек и вистински ве сакам како луѓе. Немаме поблизок народ. Кога историчарите ќе предложат термини за да го затвориме овој договор, тоа ќе биде огромен успех и чекор напред. Ќе дадеме добар пример на Балканот и ќе отвориме пат на Македонија по патот кон НАТО и кон ЕУ. Затоа сакаме да го направиме тоа. Ако се поведеме само по националистички чувства, ништо добро не нè чека – вели Борисов.