Свет Европа Блинкен и Османи порачуваат: Остануваме обединети во поддршка за Украина

Блинкен и Османи порачуваат: Остануваме обединети во поддршка за Украина

Блинкен и Османи заеднички ја поздравија одлуката што го отвара патот Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ во 2024 година, со што се надмина кризата со која се соочуваше организацијата и претставува значаен успех за нашето претседавање и иднината на ОБСЕ

Извор на фотографија: Министерство за надворешни работи

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи вечерва оствари средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој е во прва посета на Северна Македонија.

Во фокусот на разговорите биле актуелните меѓународни случувања, со посебен фокус на состојбите во Украина, при што соговорниците упатија силна осуда за руската воена агресија и цврста поддршка за украинскиот народ, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Како стратешки партнери и НАТО сојузници стоиме обединети во поддршката за Украина и одбраната на современите демократски вредности и принципи. Силно ја осудуваме руската воена агресија што претставува напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и сериозна закана за светскиот мир стабилност”, порача Османи.

Соговорниците се осврнаа и на нашето претседавање со ОБСЕ, при што беа истакнати заложбите на Северна Македонија за надминување на предизвиците со кои се соочува организацијата, како и целокупната поддршка од САД во тој процес.

Блинкен и Османи заеднички ја поздравија одлуката што го отвара патот Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ во 2024 година, со што се надмина кризата со која се соочуваше организацијата и претставува значаен успех за нашето претседавање и иднината на ОБСЕ.

Средбата на министерот Османи со државниот секретар Блинкен е од историски карактер бидејќи станува збор за прва посета на Државен секретар на САД на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

Посетата на Блинкен е уште една потврда за новиот однос меѓу двете дипломатии што започна минатата година кога Османи и Блинкен заеднички го лансираа Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, во Вашингтон, велат од македонското МНР.