Економија Анѓушев – Маргхем: Иднината на енергетиката е во обновливите извори на енергија

Анѓушев – Маргхем: Иднината на енергетиката е во обновливите извори на енергија

Моменталната позиција и идните планови и перспективи на Макакедонија во енергетскиот сектор биле теми на денешната средба на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, со министерка за енергeтика, животна средина и за одржлив развој на Белгија, Мари Кристин Маргхем, во Брисел.

– Македонија подготвува нов закон за енергетика, во кој ќе биде имплементиран третиот енергетски пакет на Европската Унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Иднината во енергетиката ќе се базира на обновливи извори на енергија, преку рационален, одржлив и исплатлив концепт – истакнал Анѓушев на средбата, соопштуваат од неговиот кабинет.

Тој нагласил дека Македонија се стреми кон целосна интеграција во ЕУ и во тој процес, како што додал, клучна е соработката со земјите членки, како што е и Белгија, и користење на нивните искуства, особено во однос на усогласување на националната регулатива со европските прописи.

Министерката Маргхем порачала дека во евроинтегративниот процес, Македонија може да очекува поддршка од Кралството Белгија и оти очекува односите помеѓу двете земји да продолжат да се развиваат и да се интензивираат.

Анѓушев на Маргхем ѝ ги презентира мерките од планот за економски пораст на Владата и ѝ порачал дека странските инвеститори, вклучително и тие од Белгија, се добродојдени да инвестираат во Македонија.