Свет Балкан Анализа: Ново одложување на датумот може внатрешно да ги разниша Македонија и...

Анализа: Ново одложување на датумот може внатрешно да ги разниша Македонија и Албанија

Истакнати регионални аналитичари во анализа објавена на „Јуропиан Вестерн Балканс“ предупредуваат дека ново одложување на доделувањето датум за преговори за Северна Македонија и Албанија би имало негативен ефект на внатрешно политичките сцени на двете земји, но и на целиот Западен Балкан. Посебно ако притоа двете земји бидат раздвоени, предупредуваат тие.

Според Срѓан Мајсторовиќ, член на советодавната група за политики „Балканот во Европа“ (БиЕПАГ) и претседавач на Управниот одбор на Центарот за европски политики (ЦЕП), одлуката на Европскиот Совет да го одложи почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија покажува недостиг на стратегиска визија во ЕУ. Мајсторовиќ вели дека ставот „мојата земја на прво место“ кој го искажуваат некои земји-членки на ЕУ е штетен за европскиот пат на двете земји.

– За жал, оваа одлука ги поткопа кредибилитетот на ЕУ и, уште поважно, двете влади што ги исполнија очекуваните барања – вели Мајсторовиќ за „Јуропиан Вестерн Балканс“.

Со него се согласува и Флориан Бибер, професор за Југоисточно европска историја и политика и директор на Центарот за Југоисточно европски студии на универзитет во Грац и член на БиЕПАГ. Тој нагласува дека одложувањето на почетокот на пристапните преговори е пораз на реформите и проширувањето во Западен Балкан.

– Пораката на Европската Комисија и земјите-членки е јасен. Ова е второ одложување, а третото ќе го урниса проширувањето на ЕУ – вели Бибер.