Македонија ЗНМ поради навредите кон новинарката Додевска бара оставка на директорот на топланата...

ЗНМ поради навредите кон новинарката Додевска бара оставка на директорот на топланата Скопје Север

Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше за инцидентот во кој директорот на топланата Скопје Север, Куштрим Рамадани, грубо ја навредувал и ја омаловажувал новинарката Катерина Додевска од МКД.мк. ЗНМ бара Рамадани по овој скандал да си поднесе оставка

„Наместо одговор на легитимно поставено новинарско прашање за работата на топланата Скопје, Север, директорот Куштрим Рамадани упати груби навреди и омаловажувања кон новинарката Катерина Додевска од МКД.мк. Во телефонски разговор помеѓу колешката Додевска и директорот Рамадани, поврзан со тема околу дозволите на оваа топлана, Рамадани на груб начин со недоличен речник ја пцуе новинарката со зборовите Пи*ка ти материна… матер ти е*ам!“, информира ЗНМ.

Од ова тело велат дека ваков однос кон новинарите и медиумските работници од страна на одговорни лица е недозволив и непримерен и претставува не само груб притисок, туку и загрозување на јавниот интерес.

„Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос може да води кон самоцензура. Ваквиот однос претставува и притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес. Директорот Рамадани исто така, според разговорот објавен на мкд.мк, се заканува со тужба на новинарката Додевска без никаква основана причина што дополнително говори за нискиот капацитет за професионална комуникација“, нагласува ЗНМ, велејќи дека е подготвено да обезбеди бесплатна правна помош за долгогодишната новинарка и да ја застапува на суд.