Македонија Жените – земјоделки на чекор до платено породилно отсуство

Жените – земјоделки на чекор до платено породилно отсуство

Предлог-законот предвидува платено породилно отсуство за индивидуални земјоделци под еднакви услови како за сите останати вработени и самовработени лица во висина на минималната плата

Фото: Мета.мк

Собранието денеска ја изгласа потребата од донесување на Предлог на закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделки, информираа од Мрежата за заштита од дискриминација.

„Сите присутни пратеници гласаа ЗА, со што сметаме дека Предлогот на законот успешно ќе ја помине законодавната постапка и земјоделките конечно ќе добијат системско решение за правото на платено породилно остуство. Воедно апелираме до Собранието во најскор можен рок да ја заврши постапката за донесување на овој закон. Пратениците покажаа дека е возможно политичко здружување со цел унапредување на човековите права на жените од руралните средини“, велат од Мрежата за заштита од дискириминација.

Оттаму додаваат дека претходно извршната власт не ги прифатила нивните барања и не презела чекори за спроведување на препораката на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, за разлика од пратениците.

Предлог-законот предвидува платено породилно отсуство за индивидуални земјоделци под еднакви услови како за сите останати вработени и самовработени лица во висина на минималната плата.

„Со ова решение ќе се надмине системска дискриминација и ќе има бројни бенефити во однос на унапредување на здравјето и благосостојбата на жените и децата од руралните средини. Овој чекор го гледаме како дел од пообемна иницијатива за унапредување на правата на руралното население, признавање и уважување на земјоделскиот труд. Преку овозможување на правото на платено породилно отсуство повеќе жени ќе се регистрираат како индивидуални земјоделки со што ќе станат дел од формалната економија, самостојно ќе ги уживаат правата кои произлегуваат од тој статус (право на здравствено, социјално, пензиско осигурување и сопствен приход од земјоделска дејност) со што на долг рок ќе се унапреди нивната еманципација и родовата еднаквост во руралните средини“, велат од Мрежата за заштита на дискриминација.