Свет Европа Зеленски ги врати од Турција заробените командати од Азовстал, во Украина нови...

Зеленски ги врати од Турција заробените командати од Азовстал, во Украина нови цивилни жртви

Во регионот Донецк во руските гранатирања загинале десет цивили а 13 се повредени

Фото: Кабинет на претседателот на Украина

Украинскиот претседател Володмир Зеленски вчера од посетата на Турција се врати со петте воени команданти од Азовстал кои беа заробени од руската војска пред повеќе од една година и потоа престојуваа во оваа земја со лична гаранција на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, јави украинската државна новинска агенција Укринформ.. Тие беа свечено пречекани дома.

Во септември 2022 година, како дел од размената на заробеници, 225 припадници на украинската одбрана беа ослободени од руско заробеништво, а меѓу нив беа и командантите на единиците што се бореа за гигантската челичарница Азовстал. Командатите оттогаш престојуваа во Турција, под гаранција на Ердоган.

По одлуката за враќањето на командантите во Украниа, остра реакција стигна од Русија, бидејќи според договорот за размена на затвореници, заробените команданти во Турција требаше да останат до крајот на војната.

Во Украина, пак, изминатово деноноќие повторно беше со загуба на цивилни животи. Во регионот Донецк во руските гранатирања загинале десет цивили а 13 се повредени, јавува „Укринформ“ повикувајќи се на шефот на Регионалната воена управа на Донецк, Павло Кириленко. Според информациите што тој ги соопштил, девет од загинатите се од Лиман, а еден од Авдиивка.

Нападот на Лиман почна вчера претпладне во 10 часот, при што цел беа периферни населби на Лиман.

Според украинската државна новинска агенција, украинските сили вчера погодиле 11 артилериски системи на руските сили, два система за електронско војување и други важни цели.

Извештајот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, руските сили во последниве 24 часа извршиле напади со ракети и со воздухоплови, при што се употребени ракети С-300 и беспилотни летала (дронови) „Шахед“ од иранско производство.

Според истиот извор, во инвазијата на Украина досега руските сили загубиле 234.040 војници.