Македонија Затвор од 15 месеци за тетовскиот анестезиолог кој сподели видео на ТикТок

Затвор од 15 месеци за тетовскиот анестезиолог кој сподели видео на ТикТок

Судот одлучи на анестезиологот да му се замени мерката притвор со домашен притвор, до стапување на сила на пресудата

Фото: Порталб.мк

Со 15 месеци затворска казна е казнет анестезиологот Ваљтон Дервиши од одделението за гинекологија во тетовската болница, кој во живо сподели видео на ТикТок на кое можеа да се видат пациенти и медицински персонал. Одлуката беше донесена по денешното рочиште во Основниот суд во Тетово. Тој го призна извршеното дело и за истото се извини, пишува Порталб.мк.

Одлуката за казнување со 15 месеци затвор беше соопштена од страна на Основниот суд во Тетово, кој ги образложи околностите под кои се казнува Дервиши. Судот одлучи на анестезиологот да му се замени мерката притвор со домашен притвор, до стапување на сила на пресудата.

Оваа одлука дојде веднаш по првото судско рочиште, кое се одржа утрово со почеток во 9:30 часот.

На судското рочиште, откако беше прашан дали ги разбира делата за кои се обвинува, Дервиши рече дека го разбира обвинението.

„Ги признавам кривичните дела и се каам за тоа што сум го направил“, рече Дервиши кој објасни дека порано не бил обвинет.

Потоа се кажаа завршните зборови од страна на Обвинителството каде што изјавија дека судот треба да ја земе во предвид фактичката состојба, да се видат сите други околности и да се земе во предвид дека обвинетиот го призна делото.

Адвокатот Драгиша Ивановски истакна дека треба да се видат сите предвидени олеснителни околности. Воедно, анестезиологот рече дека се согласува со тоа што го изјави неговиот адвокат и се извини со образложение дека делото не го извршил со тенденција за остварување профит. Тој рече дека во притвор му е тешко поради неговата здравствена состојба.

Присутни на судското рочиште беа сведоците Даниела Симјановска, Мераљ Реџепи и Љулјета Реџепи. Не присуствуваа сведоците Пелумб Вела и Сезгин Дервиши. Меѓутоа, тие не беа поканети да сведочат, бидејќи Дервиши го призна делото.

Анестезиологот беше обвинет за кривичните дела „Несовесно вршење на служба“ (Член 353-в став 2 во врска со став 1) како и Неовластено снимање (Член 152 став 2) од Кривичниот законик.

Дервиши вработен како анестезиолог во Тетовската болница сподели во живо видео на ТикТок од одделението за гинекологија во Тетовската болница, каде што се гледаа пациенти на кои им беше пружена медицинска помош, како и медицински персонал.

На 14 март полициски службеници го уапсија Дервиши, делувајќи по пријава против него од страна на директорот на Клиничката Болница во Тетово за извршеното дело.

Првин му беше одредена мерка притвор од осум дена, а потоа притворот му се продолжи уште 30 дена.

Анестезиологот по овој случај беше отпуштен од работа, а Лекарската комора му ја одзеде лиценцата за седум години.