Македонија Започна втората кампања за промовирање на вакцинацијата „од врата до врата“

Започна втората кампања за промовирање на вакцинацијата „од врата до врата“

Кампањата ќе трае четири недели, односно до крај на месецов и се планира да бидат посетени над 3.000 семејства

Фото: Steven Cornfield on Unsplash

Од денеска започна втората широка кампања за промовирање на имунизацијата што Министерството за здравство ја реализира заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и со финансиска поддршка на ЕУ, информираа од ова министерство.

Од таму велат дека 30 тимови од медицински лица од тимовите за имунизација во здравствените домови во државата ќе одат „од врата до врата“, односно ќе ги посетуваат семејствата каде има невакцинирани лица или лица заинтересирани за вакцинација.

„Следејќи ги одличните ефекти кои беа постигнати во рамките на пролетната кампања, Министерството за здравство презеде активности преку кои во нови 20 општини (115 населени места рурални и урбани) родителите ќе имаат можност во рамките на нивните домови да разговараат за  задолжителна имунизација, како и вакцинациите против Ковид-19 и сезонски грип“, велат од Министерството за здравство.

Тимовите ќе ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, ќе делат промотивен материјал во согласност со медицината базирана на докази и во договор со родителите ќе закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација.

Кампањата ќе трае четири недели, односно до крај на месецов и се планира да бидат посетени над 3.000 семејства.

Од Министерството за здравство додаваат дека во рамки на кампањата, постарите лица над 65 години ќе имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза, како и вакцина против сезонски грип, а дечињата да ги примат пропуштените дози од календарот за задолжителна имунизација.

Првата ваква кампања започна во април и се спроведуваше вкупно четири недели, како дел од Европската недела на имунизација. Од Министерството за здравство тогаш информираа дека повеќе од 1.000 деца биле вакцинирани за пропуштени рутински вакцини.