Свет Балкан Загинаа најмалку 36 лица во Грција во директен судир на два воза...

Загинаа најмалку 36 лица во Грција во директен судир на два воза близу Лариса

Не се соопштени причините за несреќата, но најверојатно станува збор за човечка грешка. Грчката полиција го приведе шефот на смена на железничката станица во Лариса

Фото: Исечок од видео на Би-би-си

Патнички воз во кој имало многу студенти што се враќале дома од празнувања вчера пред полноќ се судрил со товарен воз во близина во долината Темби кај градот Лариса во Грција, при што најмалку 36 луѓе загинале а 85 се повредени, јави агенцијата Асошиејтед Прес (АП).

Долината Темби е на неколку десетици километри југозападно од туристичкото место Неи Пори, што е популарна дестинација за Македонците и Србите.

Судирот се случил на железничкиот подвозник под автопатот Солун-Лариса-Атина, при што неколку вагони од патничкиот воз излегле од шините, а во три од нив избил пожар. Потрагата и спасувањето преживеани се одвивалe во текот на ноќта и утрото, кога е донесена и тешка машинерија за расчитување на големите делови од металниот крш.

При судирот неколку патници од ударот излетале надвор преку прозорците. Двата воза се движелее со многу голема брзина, а првите два патнички вагона се речиси целосно уништени.

Потешко повредените патници, 25 на број, се пренесени во Лариса, а оние со помали повреди и неповредните биле пренесени во Солун со автобуси. Според железничкиот оператор „Хеленик Треин“ во возот имало 350 патници.

Патничкиот воз сообраќал на линијата Атина – Солун, а во него имало голем број студенти што се враќале дома во Солун од одбележувањето на карневалот за Прочка во текот на продолжениот викенд.

Не се соопштени причините за несреќата, но најверојатно станува збор за човечка грешка. Грчката полиција го приведе шефот на смена на железничката станица во Лариса.