Економија Заев вети дека ќе се реши проблемот со платите во „Колска“

Заев вети дека ќе се реши проблемот со платите во „Колска“

Премиерот Зоран Заев презел обврска уште денеска да почне решавањето на проблемот на вработените во фабриката „Колска“ во Велес, кои шест месеци немаат земено плата, а ќе се најде и трајно решение за статусот на компанијата, соопшти Владата.

На средбата со синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, Заев ветил дека проблемот финансиски ќе биде решен, со што 125 вработени во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.

„Претставниците на синдикатот се пожалија дека досега се соочувале со несериозен однос од страна на државата, поради што освен што е загрозена егзистенцијата на вработените, тие немаат ни здравствено осигурување и поради тоа, дел од нивните колеги се соочуваат со сериозни здравствени последици. Претставниците на синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ велат дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен статус и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката. Тие посочуваат дека фабриката ѝ е потребна на државата, но, според нив, од необјасниви причини не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување на патнички и товарни вагони, што е нивна дејност. Тие како решение предложија враќање на фабриката „Колска“ во рамки на ЈП „Македонски железници“, соопшти Владата.