Економија Заев, Рама и Вучиќ утре на Економски форум во Скопје

Заев, Рама и Вучиќ утре на Економски форум во Скопје

Извор: Влада на РСМ

Во организација на Кабинетот на премиерот Зоран Заев, а во соработка со стопанските комори од регионот, утре во Скопје ќе се Економски форум за регионална соработка кој е од исклучително значење. На настанот ќе учествува претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, информираат од владината прес-служба.

На овој значаен настан ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија, од повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции кои пројавија голем интерес да бидат дел од овој Форум.

На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“, велат од владината прес-служба.

Програмата на Форумот опфаќа обраќања на лидерите на трите земји организатори на настанот, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој за новата иницијатива и за непосредните придобивки од неа ќе разменат мислења претставниците на деловните заедници од Албанија, Србија и Северна Македонија.

На посебен церемонијален дел од програмата на Форумот, ќе бидат потпишани два меморандуми за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.

Економскиот форум во организација на Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во координација со кабинетите на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот, ќе заврши со прес-конференција на лидерите на кои ќе бидат соопштени придобивките од Форумот, како и плановите за идните иницијативи.