Македонија Заев – Кнајсл: Има интерес за нови инвестици од Австрија

Заев – Кнајсл: Има интерес за нови инвестици од Австрија

Постојат добри односи помеѓу Македонија и Австрија на политички и на економски план и двете страни се уверени дека е отворен простор за продлабочување на билатералната соработка во сите области. Кај австриските бизнисмени има интерес за нови инвестиции во Македонија. Таков заклучок е донесен на денешната средба на премиерот Зоран Заев, со Карин Кнајсл, сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија и австриската амбасадорка Ренате Колбер на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

Како што извести Владата, министерката Кнајсл на средбата истакнала дека се забележани промени во Македонија во поглед на надминување на финансиските ризици и создавањето услови за фискална предвидливост, по политичката криза минатата година. Кнајсл рекла и дека заинтересираност кај бизнис заедницата во Австрија за нови инвестиции и отворање нови работни места во Македонија.

Истовремено, таа нагласила дека Австрија ги поддржува интеграциите на Република Македонија и на Западен Балкан во ЕУ и дека фокусот на претстојното австриско претседателство ќе биде кон исчекори на државите од регионот на тој пат.