Свет Балкан Заев – Брнабиќ: Ќе ја развиваме регионалната соработка, имаме заедничка иднина во...

Заев – Брнабиќ: Ќе ја развиваме регионалната соработка, имаме заедничка иднина во ЕУ

Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на билатерaлната средба во Трст на самитот за Западен Балкан констатирале дека постојат услови за продлабочување на односите меѓу двете држави, како и дека тоа ќе биде силна порака кон Европската Унија, за европска интеграција на земјите од Западен Балкан кои припаѓаат на Унијата.

„Има заедничка согласност дека на граѓаните на Македонија и на Србија им е неопходен економски развој и дека тој е можен само преку вистинска регионална соработка. Во таа насока се разговараше за поддршката во државите на „старт ап центри“ коишто отвораат можност за нови работни места. Се зборуваше и за регионално поврзување на младите, како и за размена на искуства во дигиталната технологија. Со тоа, премиерите Заев и Брнабиќ оценија дека може да се придонесе кон интересот што го имаат и двете држави, да го спречат одлевањето млади, квалитетни луѓе во странство и мотивација на тие кои заминале, да се вратат. Премиерите на Македонија и на Србија, придружувани од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, изразија согласност сите отворени прашања на двете пријателски земји да се решаваат низ конструктивна соработка и дијалог“, соопштија од кабинетот на Заев.

Заев денеска имал средба и со потпретседателот на Светска банка, Цирил Милер. Попладнево следува самитот на шефови на држави и влади од Западен Балкан, на кој ќе бидат присутни премиери на држави од Европската Унија и претставници на највисоко ниво од Брисел.