Свет Балкан За Курти, Србија е опасност за регионалната стабилност на Балканот

За Курти, Србија е опасност за регионалната стабилност на Балканот

Премиерот Курти истакна дека приведувањето на двајца граѓани на српската граница не е изолиран инцидент и ја обвини Србија за злонамерно однесување што е во спротивност со меѓународните конвенции за човекови права

Фото: Фејсбук профил на косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Србија претставува опасност за регионалната стабилност на Балканот, барајќи од српските власти да ги ослободат поранешниот припадник на ОВК Хасан Дакај и уште двајца косовски државјани кои беа уапсени на почетокот од месецов, пренесува Радио-телевизија Косово.

Во својот говор, премиерот Курти го спомена апсењето на косовски граѓани од страна на Србија, за кое верува дека претставува опасност за народот на Косово и стабилноста на регионот.

Премиерот Курти истакна дека приведувањето на двајца граѓани на српската граница не е изолиран инцидент и ја обвини Србија за злонамерно однесување што е во спротивност со меѓународните конвенции за човекови права.

Косовскиот премиер потсети дека Петрит Дулај и Незир Мехај остануваат во притвор во Србија и покрај официјалното барање за екстрадиција од министерката за правда, Албулена Хаџиу.

Хаџиу денеска побара меѓународна реакција за апсењата на косовски граѓани од страна на српската држава, пренесува Радио-телевизија Косово.

„Минатата недела двајца граѓани беа приведени и уапсени на границата со Србија. Таму Хасан Дакај и денеска продолжува самоволно да се држи. Ова не е првпат нашите граѓани да бидат мачени и држени во српските затвори“, изјави косовската министерка за правда Хаџиу.