Дописници За битолскиот градоначалник, истрагата на Обвинителството е негова лична работа

За битолскиот градоначалник, истрагата на Обвинителството е негова лична работа

Битолскиот градоначалник Владимир Талески смета дека истрагата што Обвинителството ја отвори против него е негова лична работа.

Тој денеска повторно беше јавно прашан од опозициските советници во битолскиот Совет зошто се води истрага против него и кои сè документи се одземени од Општината во интерес на истрагата.

На тоа, Талески ѝ забележа на опозицијата дека најголемиот дел од нивните прашања се однесуваат на теми лично за него.

– Значи, мојот ангажман, професионален, стручен, или мојот личен живот е моја работа. Тоа не е интерес на советниците на Општина Битола. Нивните прашања треба да се однесуваат на работата и на проектите кои Советот ги гласа. Ова е дел од мозаикот со поддршка на поединци и дел на луѓето од медиумите. Една заедничка активност што значи дека опозицијата постои – рече Талески.

Советничката од редовите на ВМРО-НП, Габриела Илиевска, вели дека на неколкуте прашања поставени до Талески, тој одговорил само на едно, односно потврдил дека е отворена истрага против него, но без одговор останале уште неколку важни прашања што се однесуваат на неговата работа како градоначалник и на работата на општинската администрација.

– Не одговари кога и кој има покренато истрагата против Талески. За кои документи се води истрагата. Кои документи се одземени и дали се води истрага против други лица во Општината. И на крај, зошто на јавноста ѝ кажа дека е извршено само копирање на некои документи кога знаеме дека МВР не копира, туку зема оригинали и доставува потврда – рече советничката Илиевска.

А.Б.