Македонија За време на викендот 389 лица не го почитувале полицискиот час, 297...

За време на викендот 389 лица не го почитувале полицискиот час, 297 се приведени

Министерството за внатрешни работи (МВР) констатирало зголемување на бројот на лица што не го почитуваат полицискиот час во периодот на целодневна забрана за движење на населението. Од петок попладне до утрово во 5 часот, МВР регистрирале вкупно 389 лица што не го почитувале полицискиот час, при што приведени во полициска станица биле 297 лица.

Најмногу прекршувања на полицискиот час се регистрирани во текот на вчерашниот ден – вкупно 172 случаи, додека во петокот било најмирно со 79 случаи на непочитување на забраната за движење. За оние коишто не биле приведени во полициски станици, од МВР информираат дека на лицата им се земени податоци и за нив ќе следуваат соодветни санкции.

Сите лица коишто не го почитуваат полицискиот час добиваат кривична пријава доставена до основните јавни обвинителства во нивните градови, при што парична казна од 2.000 евра се изрекува во најголемиот број случаи на вакви прекршоци.

Изминатиов викенд беше првиот од низата на викенди што ќе следат со целосно ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата земја. Властите веќе најавија дека најдолготрајното времетраење на полицискиот час допрва доаѓа претстојниот продолжен викенд за време на велигденските празници.