Свет Балкан Вучиќ: Нема да ѝ дозволиме на „големата Франција“ да ја понижува Србија

Вучиќ: Нема да ѝ дозволиме на „големата Франција“ да ја понижува Србија

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека на Франција, чиј суд го ослободи поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај, и одби да го екстрадира во Србија, ќе ѝ биде упатена протестна нота и дека амбасадорот на Србија во Париз ќе биде повикан на итни консултации во Белград.

На прес-конференцијата по вонредната владина седница, Вучиќ рече дека никому, па дури ни на „големата Франција“ нема да ѝ биде дозволено да ја понижува Србија, бидејќи тоа не е политичко прашање, туку дека се работи за највисоките морални принцпипи.

Вучиќ рече дека за ова прашање разговарал со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и дека за ова со писмо ќе ги извести сите земји членки на Обединетите нации.

„Ова денеска не е голема победа на Албанците, туку голема победа на злосторниците. Наша обврска е поради жртвите да ја продолжиме нашата борба од која нема да отстапиме“, рече Вучиќ, кој одлуката на судот во Колмар ја оцени како „срамна, скандалозна, противправна, неправична и, пред сè и над сè, политичка“.

Рамуш Харадинај беше уапсен на 4 јануари на границата помеѓу Швајцарија и Франција, врз основа на потерница на Интерпол, која по него ја распиша Србија, која од Франција бараше тој да биде екстрадиран поради обвинувањата за воени злосторства на Косово во 1998 и во 1999 година.

Истрагата против Харадинај во Србија беше почната во 2004 година, а во јануари годинава таа беше проширена со нови докази кои беа доставени до судот во Колмар. Против Харадинај се водеше постапка и во Хашкиот трибунал, но во 2012 година тој беше ослободен од сите обвиненија.