Свет Европа Волфганг Шојбле: Грција ќе се соочи со големи проблеми во наредните денови

Волфганг Шојбле: Грција ќе се соочи со големи проблеми во наредните денови

Еврозоната ќе направи сè што е потребно за да се спречи „зараза“ од грчката криза, изјави синоќа германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле.

Според него, Грција ќе се соочи со големи проблеми наредните денови. Но, тој е уверен дека Грција ќе остане членка на еврозоната. Тој, исто така, мисли дека најавата на грчкиот премиер за референдум е дестаблизирачка и депресивна идеја во оваа тешка ситуација.

Истото уверување го делат и повеќемина од неговите европски колеги.

Францускиот министер за финансии, Мишел Сапен, вели дека „судбината на Грција е да остане во еврозоната“ и додава дека ниту една земја од оваа монетарна унија не сака да ја види Грција како го напушта еврото.

Ирскиот министер за финансии вели дека Грција е полноправна членка на еврозоната и дека не стравува за иднината на еврото.

Финскиот министер Александар Штуб рече дека ја разбира тешката ситуација во која се наоѓа Грција и проблемите со кои ќе се соочи, но додаде дека не е загрижен за пренесување на кризата на други земја од еврозоната. Според него, еврозоната е сега многу подобро подготвена за соочување со кризи отколку што тоа беше случај пред неколку години.