Македонија Во Солун за мигрантите разговараат директорите на македонската и на грчката полиција

Во Солун за мигрантите разговараат директорите на македонската и на грчката полиција

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Горанче Савовски, денеска е на билатерален состанок во Солун со својот колега, директорот на грчката полиција, Константинос Сувалас, соопшти МВР.

На средбата, која е на покана на шефот на грчката полиција, ќе се разговара за мигрантската криза и за подобрување на соработката меѓу двете полиции.

Според МВР, состанокот е од исклучителна важност бидејќи е прв состанок помеѓу директорите на двете полиции.

„Овој состанок е од исклучителна важност бидејќи е прв состанок помеѓу двата полициски директори и ќе биде можност да се разговара за актуелната мигрантска криза, како и за размена на информации за кризата и за подобрување на соработката помеѓу двете полициски служби во сите сфери од заеднички интерес. Нивото на полициската соработка помеѓу двете полициски служби e значително подобрено од август 2015 година. Веднаш по прогласувањето на кризната состојба, одржан е координативен состанок, по што зачестени се средбите и состаноците на регионално и на централно ниво. Позитивно се одговара на барањата за средби и секогаш во многу краток период се организира средба кога тоа ќе го побара некоја од страните“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека состанокот ќе биде можност за проширување на соработката и во други области, иницирани на претходните средби, како што се борбата против криумчарење мигранти, обуки, заеднички истражни тимови и друго.