Економија Во првите шест месеци пад на извозот од 24 отсто, на увозот...

Во првите шест месеци пад на извозот од 24 отсто, на увозот од 20 отсто

Фото: Бојан Блажевски

Последиците од корона кризата, очекувано, се одразија негативно и врз трговската размена меѓу нашата земја и странство. Државниот завод за статистика (ДЗС) ги обелодени денеска минусните резултати за првите шест месеци од годинава. Според нив, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 2.705.623 илјади долари и бележи пад од 24 отсто во однос на истиот период од лани.

Притоа, вредноста на увeзената стока во тој период изнесува 3.691.475 илјади долари, што е за 20 отсто помалку во споредба со истиот период од 2019 година. Воедно, трговскиот дефицит во првите 6 месеци од оваа година изнесува 985.852 илјади долари.

Табелата на ДЗС за трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, а во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик и слично.

Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, според вкупниот обем на размената со други земји, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.