Дописници Во Прилеп за два дена има околу 50 нови случаи на ковид-19

Во Прилеп за два дена има околу 50 нови случаи на ковид-19

Само во последните два дена во Прилеп се евидентирани 50-ина нови случаи на ковид-19. Од Центарот за јавно здравје информираа дека денеска има 25 нови случаи, а вчерашните анализи потврдија присуство на вирусот и кај 24 други граѓани. Утешен е податокот дека во овие два дена оздравеле 22 лица, но активни се вкупно 191 случај, од кои 36 се хоспитализирани.

Во домашна изолација и самоизолација се наоѓаат 420 граѓани, што говори за енормно, брзо ширење на пандемијата во градот. Дваесет ученици од второ одделение заедно со својата наставничка се во самоизолација, откако анализите од Центарот за јавно здравје во Прилеп потврдиле дека нивната наставничка заболела од ковид-19.

„После потврден случај на наставничка, инфицирана со корона вирус во едно од основните училишта во Прилеп, постапено е согласно протоколите за работа во основните училишта. Со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, наставничката и учениците се ставени во самоизолација, во траење од 14 денови“, информираат службите од Општина Прилеп.

Пред еден месец, Советот за превенција најави засилени контроли на пазарната инспекција, организирање на едукации во градинките и во училишните установи и формирање на комисија на локалната самоуправа за контрола врз институциите за начинот на спроведување на мерките за заштита од ковид-19.

Од почеток на пандемијата до денеска, кај вкупно 864 жители од Прилеп е потврдено присуството на корона вирусот.