Свет Балкан Во Прешево бегалците добиваат само чај и супа, нема повеќе храна

Во Прешево бегалците добиваат само чај и супа, нема повеќе храна

Во Прифатниот центар за мигранти и бегалци во Прешево, каде во последниот месец престојуваат помеѓу 700 и 1.000 лица, од крајот на ноември поради недостиг од продукти, не се дели храна туку само топли чаеви и супа.

Секретарот на Црвен крст во Прешево, Ахмети Халими рече денеска дека мигрантите во тој прифатен центар пред дваесетина дена добивале по еден пакет сува храна дневно по лице, но од крајот на ноември и тоа е укинато.

Халими рече дека Црвен крст веќе нема прецизни податоци за бројот на мигранти кои моментално се сместени во Прешево затоа што тие податоци претходно биле добивани на основа на оние кои земале пакети сува храна.

Прифатниот центар во Прешево е прв од таков вид кој е отворен во Србија и низ него досега поминале повеќе од 700.000 мигранти. Освен чаеви и супи на бегалците и на мигрантите таму им е обезбедено сместување и услови за одржување хигиена.